Македонски автори на стрип-фестивал во Србија

Од 30 јуни до 2 јули во српскиот град Лесковац, на само стотина километри од Македонија, ќе се одржи традиционалната 19-та по ред Балканска смотра на млади стрип автори, најстара манифестација во регионот од сферата на деветтата уметност.


Како и во неколку наврати претходно, така и оваа Смотра, чиј организатор е училиштето за стрип „Никола Митровиќ-Кокан“ кое работи во рамки на Лесковачкиот културен центар, ќе имаат чест да ја отворат македонските стрип-автори. Имено, на 30 јуни, со почеток во 16 часот претставници на издавачот „Стрип квадрат“ од Скопје пред балканските стрип-вљубеници ќе ги претстават своите изданија: сликовницата „Девојче на Месечината“ на Александар Стеванов, албумите „Витези од соседството“ на авторскиот тандем Јордан Коцевски и Дарко Богданов и „Бесмртните“ на Диме Иванов – Димано, како и монографијата „Имагинарен реализам“ на Тони Анастасовски.


„Ќе има плејада на стрип-автори од различни земји, меѓу кои и легендарните Игор Кордеј од Хрватска, Бернард Кол од Словенија, Петар Станимиров од Бугарија, Мирко Чолак од Србија како и многу други познати имиња од полето на светскиот стрип. На овој настан не изостануваат и наградите за стрип-автори, од кои скоро секоја година ги зема по некој млад македонски стрип-автор“, вели издавачот Никола Темков, кој е најавен како специјален гостин на манифестацијата.

No comments: