Thursday, May 25, 2017

Промоција на стрип-сликовницата „Девојче на Месечината“

На 26 мај, со почеток во 12 часот, во НУ-УБ „Гоце Делчев“ во Штип ќе се одржи промоција на стрип-сликовницата „Девојче на Месечината“, комплетно дело на авторот Александар Стеванов. Се работи за најнова публикација на издавачката куќа „Стрип квадрат“ од Скопје, чие објавување е поддржано од страна на Министерството за култура на Република Македонија во програмата за остварување на национален интерес во културата за 2017 година.


Сликовницата „Девојче на Месечината“ е патешествие на едно мало девојче низ Галаксијата, разните созвездија на небото, и патот до вистината“, открива нејзиниот издавач Никола Темков. „Префинетоста во расказот на еден суптилен начин потсетува на Егзипери и неговиот мал принц, а илустрациите ни отвораат еден прекрасен фантастичен свет. Авторот Александар Стеванов на мошне интересен начин успева да нè заинтригира за вселената, за отвореното небо и ѕвездите, и преку оваа приказна да ни ги обогати знаењата за истите. Сликовницата изобилува со прекрасни илустрации, исполнети со вистински соѕвездија, а во внатрешноста содржи и самолепливи сликички, кои ќе понудат прекрасно изненадување за децата.


Еден ден по промоцијата во родниот град на авторот - Штип, со почеток во 13 часот во „Кафе Ли“, „Девојче на Месечината“ ќе биде презентирано и пред скопската публика. Промотивната цена на изданието, кое е целосно испечатено во боја, ќе изнесува само 80 денари.

No comments: