Дан Фадил

„Dan Fadil: first light“ е графички роман работен со маслени бои и составен од вкупно 386 слики. Автор на ова специфично дело е хрватскиот уметник Томислав Кошта, а во екипата која стои зад проектот се вклучени и неколкумина Македонци.

 

Пред неполн месец проектот е поставен на Кикстартер и има уште девет дена да ја собере целата потребна сума за да биде успешен. Повеќе инфомации можете да најдете овде.

Промоција на стрип-сликовницата „Девојче на Месечината“

На 26 мај, со почеток во 12 часот, во НУ-УБ „Гоце Делчев“ во Штип ќе се одржи промоција на стрип-сликовницата „Девојче на Месечината“, комплетно дело на авторот Александар Стеванов. Се работи за најнова публикација на издавачката куќа „Стрип квадрат“ од Скопје, чие објавување е поддржано од страна на Министерството за култура на Република Македонија во програмата за остварување на национален интерес во културата за 2017 година.


Сликовницата „Девојче на Месечината“ е патешествие на едно мало девојче низ Галаксијата, разните созвездија на небото, и патот до вистината“, открива нејзиниот издавач Никола Темков. „Префинетоста во расказот на еден суптилен начин потсетува на Егзипери и неговиот мал принц, а илустрациите ни отвораат еден прекрасен фантастичен свет. Авторот Александар Стеванов на мошне интересен начин успева да нè заинтригира за вселената, за отвореното небо и ѕвездите, и преку оваа приказна да ни ги обогати знаењата за истите. Сликовницата изобилува со прекрасни илустрации, исполнети со вистински соѕвездија, а во внатрешноста содржи и самолепливи сликички, кои ќе понудат прекрасно изненадување за децата.


Еден ден по промоцијата во родниот град на авторот - Штип, со почеток во 13 часот во „Кафе Ли“, „Девојче на Месечината“ ќе биде презентирано и пред скопската публика. Промотивната цена на изданието, кое е целосно испечатено во боја, ќе изнесува само 80 денари.

Девојче на Месечината

Наскоро, во издание на „Стрип квадрат“ од Скопје, објавена ќе биде едукативната стрип-сликовница со самолепливи сликички „Девојче на Месечината“, комплетно дело на авторот Александар Стеванов.



„Топуз“, нов македонски фонт

Неодамна, на мрежното место „Дафонт“, објавен беше бесплатниот македонски фонт „Топуз“, дело на дизајнерот Александар Стеванов, изработен со поддршка од Министерството за култура на Република Македонија во програмата за остварување на националниот интерес во културата за 2017 година. Покрај латинична, „Топуз“ има и кирилска поддршка и со своите над 350 глифи може да се користи за пишување на текстови на македонски јазик, како и на јазиците на малцинствата кои што живеат во Македонија, меѓу кои турски, албански и српски.

„Топуз“, како што впрочем открива и неговото име, е базиран на ракописот на доајенот на македонскиот стрип Миле Топуз, а неговото создавање претставува своевиден омаж на овој највозрасен македонски стрип-автор. Воедно, создавањето на фонтот е во насока на збогатување на оскудната понуда на македонски кирилски фонтови соодветни за употреба на стрип, односно истиот има и применлива вредност.

Фонтовите на кои Стеванов се потпишува како дизајнер досега биле користени во повеќе домашни стрип-изданија, меѓу кои албумите „Војдан“ и „Чуварите на вечната светлина“, обата во издание на „Стрип квадрат“ од Скопје, како и во неколку броја на стрип-магазинот „Креатор“ во издание на Стрип центар на Македонија - Велес. За потсетување, во 2015 година Стеванов го освои третото место на уругвајскиот натпревар за изработка на фонтови „Типо тајп аворд“.

Фонтот може да се преземе од овде: www.dafont.com/topuz.font